Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери вечерва го потпиша решението за распишување на шестите претседателски избори кои ќе се одржат на 21 април, како и решенијата за предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар. Тие ќе бидат доставени до Државната изборна комисија.
По потпишувањето Џафери изјави дека секои нови избори се можност за надградба на добиената позитивна оценка од претходните избори. Очекува избори какви, како што рече, доликуваат на европска демократска држава заради остварување на стратешките евроатлантски аспирации на државата и заради доброто на граѓаните. Апелираше до сите учесници во изборниот процес да се однесуваат онака како што налагаат Уставот и законските норми, а ндлежните институции да направат сè денот на изборите да помине во мирна, демократска и свечена атмосфера.
-Патот за НАТО и ЕУ е трасиран. Триесеттото сточле во НАТО е веќе наше. Сега останува одговорна и посветена работа на исполнување на неопходните критериуми за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Во период кој доаѓа Република Македонија ќе го полага тестот на капацитетот и зрелоста. Фер и демократски избори се еден од условите по кои ќе нè вреднуваат и оценуваат. Затоа ги повикувам сите учесници во претстојната претседателска изборна кампања, политичките партии и вас, граѓаните, да направиме максимални заложби Република Македонија да добие уште едни избори какви што и доликуваат на европска демократска држава заради остварување на стратешките евроатлантски аспирации на државата и заради доброто на граѓаните, изјави Џафери.
Уверен е, рече, дека сите вклучени во изборниот процес ќе го дадат својот придонес изборите да поминат во мирна и демократска атмосфера.
-Граѓаните се единствениот легитимен авторитет кој има право да одлучи кој ќе ја добие честа и одговорноста да биде шестиот претседател на Република Македонија, истакна Џафери.