Новите членови на Антикорупциската комисија дадоа свечена заклетва

Новоизбраните членови на Државната комисија за спречување на корупцијата попладнево во Собранието на Република Македонија дадоа свечена изјава.

Тие беа избрани претходно на пленарна седница со 65 гласа „за”, 10 воздржани и ниту еден глас против.

Претседателка на Антикорупциска е ревизорката Билјана Ивановска. Членови се Владимир Георгиев државен советник на секретаријатот на Антикорупциска, Софка Пејовска Дојчиновска, раководител на сектор за спречување на корупцијата и судир на интереси во Антикорупциска. Тие беа прворангирани од Комисијата за селекција на кандидатите и двајцата работат во Антикорупциска од нејзиното формирање до денес. Останатите четири членови се ревизорката Катица Николовска, Нури Бајрами вработен во Општина Гостивар, новинарот на Сакамдакажам.мк Горан Трпеноски и Салаи Шемши вработен во Општина Врашчиште.

Новите антикорупционери имаат мандат од пет години, а согласно новите овластувања ќе го следат и претстојниот изборен процес во делот на финансирање на политичките партии.

На конкурсот за нови антикорупционери беа пријавени 56 кандидати. Во Комисијата која ги селектираше и рангираше кандидатите беа пратениците Мухамед Зекири од СДСМ, Артан Груби од ДУИ, Зоран Илиоски од ВМРО – ДПМНЕ и Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ. Драги Целевски номиниран од Народниот правобранител, а Сабина Факиќ и Бесим Небиу како претставници на здруженијата односно фондации назначени за членови во Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор. Учесници во интервјуата беа и претставници на медиумските и граѓанските здруженија.

Треба да знаете
Последни објави