Холандската влада преговара со 250 компании за преместување на нивните седишта од Велика Британија во Холандија пред излезот на земјата од Европската Унија на 29 март.
Минатата година 43 компании го префрлиле своето седиште од Британија во Холандија, а со тоа и 1 920 работни места.
„Оваа година неколку компании, меѓу кои се и ‘Дискавери’ и ‘Блумберг’, соопштија дека имаат намера да инвестираат во Холандија поради брегзитот. Освен тоа, холандската Агенција за странски инвестиции разговара со повеќе од 250 странски компании кои размислуваат за селење во Холандија“, соопшти Министерството за економија на Холандија.
Од таму соопштија дека се работи претежно за британски, но има и американски и азиски компании од секторите финансии, медиуми, маркетинг и здравство.
Ројтерс наведува, пак, дека делови од бизнисот од Островот во Холандија веќе го повлекле Митсубиши, Панасоник и УФЈ Група, а од Лондон во Амстердам ќе се пресели и Европската медицинска агенција која има 900 вработени.