Ракометарите на Еурофарм Работник загубија со 24:21 во првиот натпревар од групната фаза во ЕХФ купот.
Вечерва во германскиот град Хановер, иако битолчани беа поразени од истоимената екипа, сепак оставија солиден впечаток. Во поголемиот дел од натпреварот беа рамноправен противник. Во 14 минута резултатот беше 8:8, а на полувреме германскиот претставник замина со два голови предност (16:14).
Во второто полувреме, 4.500 гледачи следеа слична игра во која кај домаќините се истакнаа интернационалците Брозовиќ од Хрватска и голманот Лесјак кој не дозволи изненадување. Битолчани, преводени од репрезентативците Филип Кузмановски и Филип Чурлевски на 3 минути до крајот од средбата имаа неколку можности да израмнат при резултат 22:21, но сепак германскиот бундеслигаш заслужено дојде до бодовите победувајќи со 24:21.
Натпреварот беше фер и коректен, со мал број исклучувања, а го водеа израелските судии Ленделбал и Ларон.
Следниот викенд во Битола, ракометарите на Еурофарм Работник во рамки на второто коло од ЕХФ-купот, ќе го пречекаат унгарскиот прволигаш Татабања чии ракометари синоќа на домашен терен загубија од хрватски Нексе.