Министерот за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ денеска најостро го осуди нападот на ватерполистите на Црвена Ѕвезда и истакна дека полицијата веднаш реагирала.
– Инцидентот најостро го осудуваме, тој е неприфатлив од секој аспект, рече Божиновиќ.
Како што пренесува Танјуг, хрватскиот министер за внатрешни работи потврдил дека Србија испратила протестна нота на Хрватска , како и тоа дека српското Министерство за надворешни работи бара итна истрага, идентификација и казна за сторителите.
– Како што гледате, хрватската полиција е многу брза, рече министерот Божиновиќ.
Тој порача дека „сите кои мислат хулигански да се однесуваат” полицијата ќе направи се да ги пронајде и да ги санкционира.
Министерот Божиновиќ наведе дека во Хрватска континуирано гостуваат спортисти од Србија, дека во текот на вчерашниот ден имало уште три спортски клуба, денеска уште еден и оцени дека не треба да се генерализираат работите и „да не се создаде впечаток дека Хрватска е несигурна како домаќин”.
Ватерполистите на Црвена Ѕвезда беа нападнати вчера во Сплит, а полицијата утрово уапси три момчиња, а двајца се бараат.