Пред почетокот на Европските младински олимписки игри во Сараево денеска премиерот Зоран Заев се сретна со Ана Марија Зафировска и Никола Петковски, кои на игрите ја претставуваат Македонија.
Зафировска и Петковски ќе се натпреваруваат во дисциплината „крос кантри”, а овој настап за нив ќе биде прво меѓународно искуство.Петковски настапува утре, во трката на десет километри слободно, додека Зафировска задутре ќе учествува во трката на пет километри слободно.
Премиерот Заев посакувајќи им среќа и успех ја посочи поддршката од сите граѓани на Република Северна Македонија, соопшти владината служба за информирање.
– Успехот во спортот носи голема радост и секако е најголем амбасадор на една земја, рекол премиерот Заев на средбата.
На Европскиот олимписки фестивал за млади, на кој настапуваат спортисти од 14 до 18 години, ќе има 911 натпреварувачи од 50 земји од светот.
ЕИОФ во Сараево се одржува во период кога градот ја прославува 35-годишнината од организацијата на Зимските Олимписки игри во 1984 година.