Во недела, на 17 февруари, со почеток во 18 часот во хуманитарниот дом „Даре Џамбаз“ ќе се одржи хуманитарен концерт „Узун за Момо“. Концертот е организиран од музичкото студио и естрадно училиште „Узун“, во соработка со Црвен крст на град Скопје, а влезот е бесплатен.
„Оваа година концертот го посветуваме на нашиот колега музичар Момо Николовски кому му се потребни финансиски средства од 20.000 до 25 000 евра за лекување во странство. Влезот е бесплатен но во салата ќе биде изложена кутија за донација“, најави Жаклина Узунова.
На концертот ќе учествуваат учениците и долгогодишни пријатели на училиштето, покрај Жаклина Узунова, „Уни бенд“, Кирил Узунов, Јасмина Гуњова, Горан Симевски, Кристијан Демјански, Валентина Ѓоргиевска Парго, придружувани од маестро Бранко Коловски, уметникот Живко Поповски- Цветин, а водителка, по традиција, е Катерина Стојановска-Десковска.
„Ова е покана до сите колеги од македонската естрада доколку се во можност да учествуваат на концертот, а доколку некој сака да донира средства, а не може да присуствува на концертот ова се телефоните за донации 143 462 ВИП и 143 123 Т-Мобиле“, рече Узунова.
Музичкото студио и естрадно училиште„Узун“ секоја година организира хуманитарни концерти. Оваа традиција ја воспостави легендарниот македонски музичар Јанко Узунов кој е воедно и основач на училиштето, креатор на учебниот материјал кој во него се изучува, наставник, организатор и предводник на поранешните активности на ова училиште.