Се надевам дека ние и Хрватите ќе бидеме доволно паметни за да сфатиме дека само заедно можеме да опстанеме, изјавил претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со нападот на ватерполистите на „Црвена ѕвезда“ во Сплит. Тој додал дека Србија е спремна за поинакви, подобри, односи.
Тој рекол дека е сигурен дека такво нешто не би се случило во Белград.
Според Вучиќ, Србија и Хрватска мора заедно, со почитување на разликите и различното гледиште кон минатото, да се обидат да градат поинаква иднина.
„Се надевам дека ќе бидеме доволно паметни и едните и другите за да разбереме дека без соработка се плашам дека нема да можеме да опстанеме. Се надевам дека во Хрватска ќе ја разберат оваа порака. Ние сме спремни за поинакви односи, а сè додека тоа не се случи, инцидентот од вчера сигурно нема да биде единствен случај“, рекол Вучиќ.
Тој додал дека Србија ѝ ја врачила протестната нота на Хрватска.
Српскиот претседател забележал дека српската амбасада во Хрватска можеби пропуштила да го процени ризикот и да побара полициско обезбедување, но, претпоставува дека никој не очекувал дека ќе се случи нешто такво.