Двајцата македонски планинари, Александар Кирковски и Димитар Тодоровски, вчера успешно го искачија највисокиот врв во Јужна Америка, Аконкагва 6962 метри надморска височина. Аконкагва се наоѓа на Андите во Аргентина, близу границата со Чиле, а освен на континентот претставува воопшто највисок врв надвор од Азија.
„Искачувањето го реализиравме со почеток од вториот висински камп, времето беше стабилно со ветар од 40 km/h и температура околу -25C. Истиот ден се спуштивме до базниот камп на 4300 мнв и се чувствуваме одлично“ велат планинарите.
За Александар ова искачување е дел од подготовките за брзинско искачување на Аконкагва што треба да се случи во некој од наредните денови, а неговата цел е под 12 часа од подножјето до врвот и назад. Димитар со 23 години е веројатно најмладиот Македонец што го искачил овој врв. Акцијата е дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Претходно оваа сезона врвот Аконкагва 6962 мнв успешно го искачи Д-р Сашко Кедев, а уште тројца планинари од Македонија во моментот се на експедиција на планината.