Тројца фоторепортери, кои ги покриваа демонстрациите на „жолтите елеци” вчера во Тулуз, тврдат дека биле „намерно” погодени од полицијата, при што еден од нив бил повреден во бутот, според него, со граната. Тројцата тврдат дека пријавиле на полицијата и дека планираат да поднесат жалба, јави дописникот на МИА.
– Ако ја покажувам оваа рана, тоа е за да покажам дека имаше намерен напад од полицијата против печатот, напиша на својата Фејсбук страница, проследено со фотографија, Валентин Белвил, независен фотограф на возраст од 26 години, кој работи за агенцијата Ханс Лукас.
Вчера попладне, тензијата беше голема на плоштадот „Капитол” во Тулуз, помеѓу демонстрантите кои фрлаа проектили и полицијата која одговараше со солзавец.
– Ние избравме да излеземе од демонстрантите за да не бидеме помеѓу полицијата и нив, изјави Улрих Лебеф, фоторепортер од Тулуз, кој беше со Валентин Белвил и Ерик Лербре на местото на настанот.
Тој додаде дека сите тројца се наведнале. – Ние носевме шлемови со лого прес, носевме ленти на рацете со натпис прес и материјал, бевме многу видливи и многу препознатливи, рече тој, тврдејќи дека воопшто немало никој околу нив на 25 метри. Потоа, една „граната” експлодирала пред нозете на Белвил, кој е погоден во бутот.
За Ерик Лербре, третиот фотограф, нема „сомневање” дека биле намерно погодени. – Ние сме свесни за ризиците што ги преземаме во покривањето на овие настани, но нашата одговорност запира кога сме намерно земени за цел, изјави тој.
– Барам објаснувања, зошто идентификуваните новинари се земени за цел? Јасно чувствуваме дека постои тензија во односот на силите на редот кон медиумите, посебно кон оние што прават фотографии, негодува Улрих Лебеуф.
Обласната дирекција за јавна безбедност на Горна Гарона соопшти дека „немало докази за да се каже дали на оваа локација се користеле гранати”.
– Сепак, овој тип на средства се користеше со гранати со солзавец за да се растераат демонстрантите на плоштадот „Капитол” . Не е невозможно овој тип на средства да стигнат до нозете на фоторепортерите кои беа на местото меѓу демонстрантите, се наведува во соопштението на полицијата.