Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за правда и Академијата за судии и јавни обвинители потпишаа меморандум за соработка.
Целта на меморандумот е зајакнување и унапредување на конзистентна примена за Законот за општа управна постапка и Законот за управните спорови. Ова произлегува и од оценската мисија на Европската Комисија за административна правда.
„Но, ова не го правиме ниту за ЕУ, ниту за било кој друг. Ова го правиме за граѓаните. За граѓаните да не заглавуваат во административните лавиринти поради недоволно познавање на законите или недоволна координација помеѓу институциите кои водат управни постапки, како и правосудните органи кои одлучуваат по нив“, потенцираше министерот Дамјан Манчевски.
Како што истакна Манчевски, МИОА утврдува листа на учесници на обуките од редот на вработените. Листа на обучувачи кои ќе ги спроведат обуки како и програмата на обуките ќе ја утврдуваат трите институции заедно за да бидат сигурни дека експерти од оваа област ќе го пренесат своето знаење.
Министерката за правда, Рената Дескоска, информираше за новите измени во Законот за правни постапки.
„Целта е да се скрати процедурата односно Управниот суд да одлучува мериторно. Тоа ќе резултира со ефикасна судска постапка, а управните судови ќе мора да го решат спорот и да кажат кој е во право. Со овој меморандум, ќе ги обучиме и запознаеме административните службеници и судовите за начинот на кој тие треба да постапат во управните постапки и управните спорови. Со тоа создаваме поефикасни постапки и граѓаните побрзо ќе дојдат до административна правда“, рече министерката Дескоска.
Како што потенцираше таа, новина е и воведувањето на јавна главна расправа, како што е праксата во граѓанските и кривичните судови, каде на граѓаните им се овозможува простор да ги изложат своите аргументи за или против постапката.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска, се осврна на вклученоста на Академијата во процесот на обуки.
„Особено е важен овој организиран одговор на потребите на граѓаните во управните постапки. Академијата ги остава на располагање сите капацитети од едукативна природа со цел да се гарантираа квалитетни и успешни обуки“, истакна Габер-Дамјановска.