Преговорите на републиканците и демократите во Конгресот на САД за прашањата за граничната безбедност, кои се во тек со цел да се спречи нова блокада на федералната влада, се во застој поради несогласувањата околу политиката за апсење и притвор на илегалните имигранти, рече републиканскиот сенатор Ричард Шелби за „Фокс њуз“.
Застојот на преговорите доведе до тоа Пентагон и администрацијата да се подготват за две опции: уште една блокада на владата, или можност Трамп да прогласи вонредна состојба.
„Во моментов преговорите се блокирани“, изјавил Шелби и изразил надеж дека преговарачите наскоро ќе се вратат на маса, пренесува агенцијата „Танјуг“.
Напорите на Конгресот за решавање на спорот околу финансирањето на обезбедувањето на границите, беа засилени во петокот, а се одвиваa и за време на викендот, бидејќи комитетот на Конгресот се заложи да се постигне договор до денеска, објави агенцијата „Ројтерс“.
Шефот на кабинетот на Трамп, во својата изјава за Ен-би-си, не ја отфрли можноста за нова блокада на федералната влада.