Хамес Родригез одигра одличен дуел за Баерн при успехот со 3:1 над Шалке и на тој начин даде сериозна најава дека ќе биде меѓу стартерите и во првиот дуел од осминафиналето на Лигата на шампионите против Ливерпул, кој е на 19 февруари во Англија.
– Со нетрпение го очекувам мечот со Ливерпул! Во овие натпревари не можеш да правиш грешки. Верувам дека можеме да му создадеме проблеми на Ливерпул. Имаме добар тим, кој може да продолжи напред, ако се справиме добро, изјави колумбиецот.
За двата дуели казнет е Томас Милер, а неговото место во тимот може да биде зафатено од Хамес или Леон Горецка. Родригез беше надвор од игра поради повреда на крајот на минатата година, но сега веќе одигра три дуели како стартер.
– Чекор по чекор се чувствувам подобро. Отсуствував скоро 3 месеци. Од натпревар на натпревар си го враќам нивото. Но можам да направам и повеќе, смета офанзивниот фудбалер.
Роберт Левандовски исто така е задоволен од играта на Хамес.
– Тој покажа колку е добар и како може да дејствува со топката. За нас е добро да имаме играчи како Хамес, изјави Полјакот.