Обвинетите, заедно со уште едно лице кое е недостапно и по кое е распишана потерница, на 14 декември лани во трговски центар во Скопје со умисла се обиделе изнудат 10.000 евра од скопјанец. Тројцата кои дејствувале како група, заканувајќи се дека ќе го убијат му барале пари на оштетниот.
„Обвинетите неколку дена претходно телефонски го контактирале оштетениот и го принудиле на средба на која агресивно се однесувале и упатувале закани по неговиот и по животот на членовите на неговото семејство, барајќи да им исплати 10.000 евра. Оштетениот се согласил да се сретне со нив во трговски центар и да им ги даде парите, но намерата ја пријавил во полиција од каде му биле дадени обележани банкноти. Обвинетите се упатиле на договорената средба и пред трговскиот центар се раздвоиле. На оштетениот му се пристапил еден од обвинетите, додека другите го чекале во близина. Но, во тој момент ги забележал полициските службеници задолжени за безбедноста на оштетениот, започнал да бега и заминал во непознат правец. Останатите двајца обвинети биле затекнати и задржани во близина на местото на настанот и не успеале да го довршат кривичното дело“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Од таму додаваат дека во истражната постапка било утврдено дека една од обвинетите во периодот од 17 октомври 2016 година до 21 јули 2017 година, со умисла искористувајќи исти прилики и ист траен однос, во повеќе наврати зела пари од истото оштетено лице. Таа, со намера да прибави противправна имотна корист, му се заканувала на оштетениот дека за него ќе открие нешто што може да наштети на неговата чест или неговиот углед и со тоа го присилила да и даде 10.500 евра и уште 450.000 денари. На тој начин обвинетата сторила продолжено кривично дело уцена од член 259 став 1 поради што обвинителниот акт за неа се однесува и на ова кривично дело.
„Ценејќи дека и натаму постојат сите околности заради кои на двајцата обвинети претходно им беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Судот достави и предлог за продолжување на оваа мерка“, велат од Обвинителството.