Новинари на францускиот дневен весник „Либерасион”, на неделникот „Инрок” и вработен во агенција за реклами се суспендирани од работа, по откривањето на аферата, наречена „ЛОЛ Лига”, за нивно учество во кампањи за малтретирање преку социјалните мрежи, јави дописникот на МИА.
Станува збор за шестмина новинари, меѓу кои и третиот човек во интернет издабието на „Либерасион”, Александар Херво и хонорарниот соработник на весникот, Винсент Мило.
– Суспендирањето не ја прејудицира нивната вина од кој било вид. Ние отпочнуваме внатрешна истрага за да откриеме што се случило. Немаме што да криеме. Ние сме тие кои што ја објавија информацијата. Реагиравме веднаш, изјави за „Монд” директорот на „Либерасион”, Лоран Жофран.
Тој нагласи дека треба да се отвори дебата за улогата на новинарите на социјалните мрежи, каде, според него, „ситуацијата е двосмислена” и затоа „можеби е потребно да се изготиви кодекс”.
Суспендираните новинари, од своја страна се извинија преку своите профили на Твитер.
– Изразуваме искрено извинување кон лицата кои, на еден или друг начин, биле повредени од нашите зборови во речиси 11-годишната наша активност на Твитер. Создадовме чудовиште што целосно ни избега од контрола, наведуваат новинарите во извинувањето.
„ЛОЛ Лига” група на Твитер на 30 корисници, која постои на оваа социјална мрежа од 2009 година. Креатор на групата беше Винсент Глад, кој сега е новинар на „Либерасион” и во неа членуваа новинари, но и вработени во секторите за комуникации и рекламирање.
Еден од членовите на „ЛОЛ Лига” вели дека во групата имало шеги и следење на активност, што, според него, е „апсолутно вообичаено”. – Во оваа група никогаш не постоеше анти-феминистичка опсесија. Се смеевме на сè и на сите, објаснува тој.
Поранешен член на групата објаснува дека во првите години постоела „опсерваторија на ликовите на Твитер”, каде разменивале линкови и фотографии и им се потсмевеле на луѓето. – Ова следење на малиот свет на Твитер насочен кон поедици, стана фелјтон со повремени ликови и опсесии на некои членови на групата, додава тој.
Но, со својата „забава” на Твитер, членовите на групата на други корисници им го „загорчиле” животот со своите шеги или забелешки, предизвикувајќи им непријатности со објавувањето фотомонтажи, анимации и анонимни навреди, што е протолкувано како „малтретирање преку социјалната мрежа”.