Сточарите од Велешко се уште го чекаат министерот Николовски кој на декемврискиот протест им вети дека ќе ги посети по 20 јануари годинава за повторно, таму, директно на терен, да ги отворат прашањата околу откупната цена на јагнето и исплатата на субвенциите.
Во меѓувреме, минатиот петок, Николовски одржа состанок со овчарите, но на состанокот не присуствуваа одгледувачите на овци од Велес и Чашка.
Овчарите од Велешко остануваат на барањата: субвенциите за сточарите да се исплаќаат најдоцна до 15 март и Владата да интервенира со поддршка што ќе ја ублажи разликата меѓу прозиводната и откупната цена на јагнето. Бараат и итна средба со откупувачите на јагне во Министерството за да се договорат околу цената која се движи, како што велат, меѓу 125 и 140 денари. Се жалат и на манипулации при откупот.
Министерот Николовски за МИА изјави дека средба во Велес ќе има, но не прецизира кога.
-Апсолутно политика на Министерството е субвенциите да се исплаќаат тогаш кога се потребни. Денеска означуваме старт на исплаќањето на субвенциите. Со субвенциите на лозарите почнува исплатата по Програмата. Во Велес ќе оствариме средба. На таа средба претходеше една средба во Министерството на која беа голем дел од чинителите и на која се разгледуваа 14 точки поврзани со барањата и политиките во делот на овчарството, изјави министерот.
На средбата во МЗШВ, информира, меѓу другото станало збор и за намалување на ДДВ-то за ветеринарните лекови, како и за измените на Законот за пасишта кој влегува во процедура.
-Навистина работиме на реализација на барањата. Голем дел од присутните изразија задоволство од она што како политики во овој период е иимплементирано, но секако дека ќе разговараме и на терен во Велес како што им ветивме на сточарите, напомена Николовски.
На прашањето дали државата размислува да интервенира ако има голема разлика меѓу откупната и производната цена на јагнето, тој е дециден дека во овој сегмент не може да каже ништо.
-Не можам во однос на цената да кажам, но она што заеднички го дефиниравме со Агенцијата за храна и ветеринарство е дека во тек на следните месеци ќе се преземат точни активности преку кои ќе дојдеме до прецизната бројка на сточниот фонд, на бројот на овци и кози што ни е таргет да го завршиме во 2019 година, потенцира министерот.
Се размислува следната година да се спроведе електронско (пре)обележување на добитокот.
-Кога ќе додјеме до јасната слика, ќе знаеме колку средства може дополнително да се дадат како поддршка на овчарството и останатите гранки на сточарството. Јасната слика ќе ја имаме во текот на годината. Тоа го соопштивме, но ќе им го кажеме и на сточарите. Подготвени сме да ги преземеме и сите други мерки и политики што реално може да се преземат, подвлече Николовски.
Според земјоделското здружение „Агроцентар” кое брои околу 150 членови од Велешко и Чашка, откупна цена на јагнето моментно изнесува 140 денари за килограм жива мера, а производната цена е меѓу 175 и 182 денара.
-Ако јагнето сега, во овој „мртов” период се откупува по толку ниска цена кога нема јагниња, тоа значи дека кога ќе има прилив цената ќе падне и се очекува да биде 120 денари. Поради тоа апелираме што поскоро да биде средбата со министерот и да дојдеме до решение. Затоа бараме и Владата да интервенира до производната цена. Сметаме и дека исплатата на субвенциите треба да биде согласно потребата на земјоделците. Нам пари ни требаат сега, зашто немаме никакви приходи, ниту јагне, ниту млеко, а треба да купуваме храна. Да не не оставаат последни, изјави Митко Јанков од „Агроцентар”.
На петочната средба во МЗШВ, Јанков вели дека овчарите од Велешко не биле поканети.
-Мислиме дека се врши опструкција за да се растурат здруженијата. Ако се беше во ред, зошто не бевме поканети на тој состанок? Според наши информации, присуствувале само претставници на две до три земјоделски здруженија и на Асоцијацијата на земјоделци, нагласи Јанков.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, пак, вели дека на состанокот во Министерството минатиот петок биле поканети и присуствувале сите сточари, членови на Асоцијацијата: од Дебар, Гостивар, Кичево, Тетово, Радовиш, Берово, Виница, Овче Поле, Битола, Прилеп,… Шаклев воедно го осуди протестот во декември, нагласувајќи дека МЗШВ ги разгледува барањата на сточарите и дека работи на нив.
На тоа Јанков реагира дека неколку здруженија што биле на средбата воопшто не се членки на Асоцијацијата и дека велешките овчари не биле поканети зашто ги сметале за радикални.
Овчарите на 20 декември 2018 година одржаа мирен протест пред Министерството за земјоделство. Се пожалија дека се дојдени на работ од егзистенција зашто секоја година се соочуваат со загуби од 2.000 – 5.000 евра. И претходната и оваа власт, оценија, нема слух за овчарите. Протестот го поддржаа Националното здружение на овчари, Регионалното здружение на западна Македонија, Земјоделското здружение „Агроцентар” – Велес, „Орлови бари” – Битола и „Рудо јагне” – Прилеп. Министерот Николовски ги прими на средба и им вети дека по 20 јануари повторно ќе одржат состанок, но на терен, во Велес.