Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, се сретна со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.
Османи рече дека досегашната демонстрирана неутралност и придонесот што Мисијата го даде во надминувањето на бројните предизвици изминатиов период, особено во делот на изборните реформи, но и севкупно, во имплементацијата на принципот на владеење на правото, се од голема полза за Република Македонија.
„Изборните реформи се едни од клучните предизвици за наредниот период, вклучувајќи ја тука и имплементацијата на сите претходни препораки на ОБСЕ/ОДИХР, особено во пресрет на претстојните претседателски избори, имајќи предвид дека наш приоритет се слободни, фер и веродостојни претседателски избори“, истакна Османи, посочувајќи и на останатите реформи кои ѝ претстојат на земјата во пресрет на новиот извештај на Европската Комисија во април.
Во оваа насока тој изрази задоволство од изгласувањето на новиот закон за спречување на корупцијата и судир на интереси кој ќе придонесе во постигнувањето на поефикасна превенција и борба против корупцијата, a истовремено изрази задоволство што со истиот се зајакнува и ефикасноста и независноста на Државната комисија за спречување на корупцијата, чиј нов состав ќе треба да го мониторира и изборниот процес во делот на финансирањето на политичките партии за време на претстојните претседателски избори.