Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ денеска и утре ќе го чистат дворот на Студентскиот дом „Пелагонија“. На акцијата за чистење присуствуваа и градоначалникот Петре Шилегов, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски и директорот на ЈП „Комунална хигена“, Абдусамед Шабани.
– Ако сакаме чист и уреден град, сите треба да внимаваме каде го фрламе своето ѓубре. Овој пат, грдата слика за Скопје е оваа дива депонија создадена во дворот на студентскиот дом „Пелагонија“. Иако за чистење на овој двор не се надлежни ниту Градот Скопје, ниту ЈП „Комунална хигиена“, денеска покажуваме добра волја и спроведуваме акција за расчистување на оваа дива депонија. Нашата цел е да испратиме силна порака до граѓаните, до куќните совети, до институциите и до фирмите да си го исчистат ѓубрето. Сите заедно да покажеме одговорност кон средината во која живееме, за да си обезбедиме поздрав и поквалитетен живот. Сите заедно да застанеме на патот на создавањето диви депонии. На тој начин стоиме на патот на загадувањето на воздухот, на почвата и на водите. На тој начин си ја гарантираме иднината – рече денеска Шилегов.
Тој додаде дека ѓубрето не познава административни граници и дека сите се одговорни за создавањето отпад.
– Упатувам апел и до општините, да ја одржуваат хигиената на јавните површини за кои се надлежни, но и до моите сограѓани, отпадоците да ги одлагаат исклучиво во кантите и во контејнерите за таа намена, за конечно да исчезне оваа грда слика на градот – нагласи градоначалникот Шилегов.
Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и во наредните денови ќе спроведува активности за расчистување на јавните површини во градот – локации на кои редовно се создаваат диви депонии и недозволено се фрла ѓубре.