Чарлси Агро и нејзината сестра близначка Карли од Канада ги купиле домашните тестови „AncestryDNA“, „MyHeritage“, „23andMe“, „FamilyTreeDNA“ и „Living DNA“ и ги испратиле своите ДНК-примероци до сите наведени компании на анализа. Иако нивниот ДНК е речиси идентичен, резултатите кои пристигнале од компаниите не се совпаѓаат, пишува порталот на канадската национална телевизија Си-би-ес.
Во поголем дел од случаите резултатите од анализите на секоја компанија го открива потеклото на сестрите во исти делови во светот, но во различни проценти. Сепак, наодот од компанијата „23andMe“ во Калифорнија сугерира дека секоја сестра има уникатни елементи во нејзиното семејство.
Според наодите од „23andMe“, потеклото на Чарлси е 10 отсто помалку „генерално европско“ отколку потеклото на Карли. Таа исто така има и француско и германско потекло (2,6%), додека нејзината сетра нема воопшто такво потекло.
Идентичните близначки се разликуваат и во источноевропското наследство, па така според податоците, 28 отсто има кај Чарлси, а 24,7 отсто кај Карли. И додека источноевропското потекло на Карли е врзано со Полска, кај Чарлси таква врска не е пронајдена.
„Фактот дека имаат толку различни резултати е многу необичен“, вели доктор Марк Герстејн, биолог на Универзитетот Јеил.
Герстејн се сомнева дека се работи за алгоритми кои секоја компанија ги користи за анализа на податоците. „Проблемот е очиглено во пресметките, начините на кои се изведуваат се различни“, смета Герстејн.
Семејството на близначките соопштило дека нивните предци доаѓаат од Сицилија, од Полска и Украина. Но резултатите од ДНК-анализата укажуваат на изненадувачки, дури и конфликтни факти од семејната историја.