Жителите на село Ласкарци кои синоќа безпоштедно излегоа да спасат она што може да се спаси од автобуската несреќа на автопатот Скопје-Тетово, покажаа човечност на дело која ќе се памети. Иако несебично се дадоа во спасувањето, велат не се чувствуваат како херои бидејќи е човечки да се помогне на оној кој е во неволја.
Кога стигнавме на местото на несреќата видовме ужасна слика. Некои луѓе беа исфрлени надвор од превртениот автобус. Со нив почнавме да ги извлекуваме останатите кои беа под автобусот. Имаше луѓе кои ги гледавме под автобусот, бараа помош, но не можевме да им пријдеме. Едно лице почина пред наши очи, а ние не можевме ништо да направиме. Сите бараа помош, не знаевме на кој прво да му помогнеме, вели Весел Шабани, еден од жителите на Ласкарци кој ги вадел крвавите тела од автобусот на Дурмо Турс.
Во извлекувањето учествувале и братучедите Рами и Меќани Деари, кои за време на несреќата се наоѓале во Џамијата која е на стотина метри од автопатот Скопје-Тетово. Тие пред камерата на „Макфакс“ велат дека се уште се во шок од вчерашниот настан. Велат дека сликите кои им останале во глава ги држеле цела ноќ будни.
„Бевме во џамија. Слушнавме некаков звук, видовме дека автобус излета од автопатот и веднаш дотрчавме. Во автобусот имаше млади луѓе од 20 до 30 години, кои повикуваа за помош. Син ми со уште други двајца влезе под автобусот и почнаа да ги извлекуваат луѓето. Имаше 7 лица починати на лице место, не успеавме да ги извадиме беа заглавени“, сведочи Рами Деари.
Како што велат жителите на Ласкарци, од голема помош бил багерот кој од Желино пристигнал пред брзата помош. Според нив, багерот го подигнал автобусот што било пресудно да се спасат повеќе животи бидејќи биле минути во прашање.
„Багерот дојде побрзо од брзата помош. Имаше само делови од телата кои можеа да се видат. Само глава или рака, а од половина надолу беа под автобусот. Го подигна автобусот и извадивме четворица кои беа тешко повредени, но се уште живи. Телата кои беа на задната страна од автобусот каде што стои моторот, не можевме да ги извадиме и веќе беа починати“, сведочи Меќани Деари.
Извлекувањето продолжило со помош на механизацијата и работници од локалните фирми кои исто така помогнале жртвите да бидат транспортирани до болниците.
„Дојдоа вработени од една фирма која се наоѓа во близина, донесоа брусалица за сечење. Сечеа делови од автобусот за да ги извадиме луѓето. Неколку луѓе излетаа од автобусот, тие викаа помош, помош, бараа вода, целите беа во крв. Беше страшно“, вели Деари.
Жителите на Ласкарци и денеска беа на нозе. Раскажувајќи го вчерашниот немил настан помагаа при изнесувањето на распаднатиот автобус од местото на несреќата.