Во контекст на текстот објавен од страна на вашата редакција со наслов „НБРМ го зголеми средниот курс на еврото на 61,625″, би сакале да укажеме на следново:
Средниот курс на денарот во однос на еврото се пресметува како средна вредност од сите котирани куповни и продажни курсеви на банките поддржувачи на девизниот пазар во текот на целиот работен ден. Народната банка во 16 часот, врз основа на наведените информации од девизниот пазар, го пресметува средниот курс на денарот во однос на еврото. Ова значи дека Народната банка не го утврдува нивото на средниот курс самостојно, туку според дефинирана методологија која се потпира на конкретни пазарни движења. Средните курсеви за останатите (31) валути од Курсната листа се пресметуваат врз основа на дневните референтни курсеви на еврото со останатите валути, објавени од страна на Европската централна банка. Курсната листа се објавува на интернет-страницата на Народната банка, како и на електронските информативни системи за меѓународните финансиски пазари, најдоцна до 17:00 часот секој работен ден, а важи од 00:00 часот следниот ден, до почетокот на важење на новата курсна листа.
Во однос на примената на средните курсеви, согласно Законот за девизното работење, истите се користат за книговодствено искажување на побарувањата и обврските изразени во странски платежни средства на правните субјекти во државата. За склучување на трансакции на девизниот пазар, средните курсеви од Курсната листа се користат единствено при вршењето на платниот промет со странство за потребите на државните органи (за оваа цел се формира посебна Курсна листа).
При склучувањето на трансакциите на девизен пазар, помеѓу банките/менувачниците и нивните клиенти, не се користат средните курсеви туку девизни курсеви утврдени од страна на банката/менувачницата. Притоа, девизниот курс на денарот во однос на еврото вообичаено во текот на годината има сезонска динамика (којашто сепак е во многу мали распони со оглед на примената на монетарна стратегија на целење на номиналниот девизен курс) и зависи од нивото на понудата и побарувачката за девизи, односно нивната усогласеност.
Во текот на јануари 2019 година банките остварија умерена нето-продажба на девизи за потребите на своите клиенти, којашто ја надоместија од сопствени извори, но и преку тргување на меѓубанкарскиот девизен пазар. Во такви услови, котираниот и тргуваниот девизен курс на меѓубанкарскиот девизен пазар бележеше минимален нагорен тренд од средината на јануари и следствено, влијаеше на умерено зголемување на средниот курс на денарот во однос на еврото. Во оваа смисла, би укажале дека станува збор за вообичаено, сезонско движење на курсот, што е слично на движењата во јануари и во претходните години. Како за илустрација, во јануари 2019 година средниот курс во просек изнесува 61,5069 денари/евро и е многу близок до јануарскиот просек за претходните години (61,5108 денари/евро во 2018 година, 61,5316 денари/евро во 2017 година, 61,6405 денари/евро во 2016 година).
Во текот на изминатите неколку дена на девизниот пазар се забележува зголемена понуда на девизи од страна на клиентите, што влијае кон умерено намалување на средниот курс, до ниво од 61,5885 денари/евро (податок од 13.02.2019 година со важност од 14.02.2019 година).
Би сакале да потенцираме дека со оглед на применуваната стратегија на целење на девизниот курс на денарот, Народната банка во континуитет активно ги следи движењата на девизниот пазар и го одржува стабилен девизниот курс на денарот во однос на еврото. Стабилноста на девизниот курс, покрај со примена на сет на монетарни инструменти, се одржува и преку интервенции со банките поддржувачи, односно преку купување или продажба на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар. На почетокот на 2019 година, Народна банка продолжи да остварува откуп на девизи (2 мил. евра), иако во понизок износ во однос на декември 2018 година, но умерено повисок од просекот за јануари последните 10 години, кога Народната банка се јавувала и со продажба на девизи.