Разрешувањето на менаџерот Жозе Мурињо од Манчестер Јунајтед го чинело англискиот клуб 19.6 милиони фунти. Португалскиот стручњак беше заменет од Оле Гунар Солскјер минатиот декември. Норвежанецот ќе ги води „црвените ѓаволи” до крајот на сезоната, а во текот на летото ќе биде донесена конечна одлука кој ќе остане на чело на тимот.
Од раководството на 20-кратниот шампион на Англија се надеваат дека ќе ги исполнат своите финансиски цели, и покрај раното разрешување на Мурињо и исплатата на обесштетувањето по неговиот договор. Манчестер Јунајтед, во чиј состав настапуваа имиња како Давид де Хеа и Пол Погба, го забележа својот најлош старт во англиското првенство во последниве 28 години.
– Назначувањето на Оле и неговиот помошник Мајк Фелан е позитивно за клубот, категоричен е извршниот потпретседател на клубот, Ед Вудворд.
Приходите на Јунајтед за кварталот, кој заврши на 31 декември, се вкупно 208.6 милиони фунти. Токму година порано, клубот од Манчестер забележа приход од 177.4 милиони фунти.
Раководството на „црвените ѓаволи” очекува нето добивка меѓу 175 и 190 милиони фунти за целата 2018-2019 сезона.