(Видео и фото од увидот на несреќата) Морничава тишина кај Карпалак

Морничаво и студено е утрово кај Карпалак. За разлика од вчера, кога вриеше како во вршник околу превртениот автобус на „Дурмо турс“ денеска на нивата крај стариот пат за Групчин е мирно. Денешната слика на местото на трагедијата е уште пострашна, иако вчера во мракот се слушаа крици и лелекања на повредените и на роднините кои тагуваа за своите најблиски.

Но денеска тишината зборува сама за себе. На дневна светлина се гледа вистинската слика за тоа што им се случило на патниците во автобусот, односно руината од она што било автобус до вчера покажува каков ужас се случил во возилото.

Околу смрсканиот автобус има само неколку луѓе кои вршат увид и бараат траги кои ќе укажат зошто се случи трагичната несреќа во која загинаа 14 гостиварчани. Таму се и багерите, со кои вчера спасувачите го превртеа автобусот за да можат да ги извадат настарадните патници.

Се гледаат тркалата и гумите на возилото, што е редовна процедура при вакви ситуации, иако се шпекулира дека експлодирало едно тркало па возачот загубил контрола врз автобусот, по што дошло до трагедијата.

Според официјаните информации од МВР, автобус сопственост на „Дурмо турс“со гостиварски регистарски ознаки, управуван од М.Т. (49) од Гостивар излетал од патот, се превртел и паднал на регионалниот пат Скопје – Тетово. Починале 14 патници, а 39 се повредени и хоспитализирани во Градската општа болница „8 Септември“, комплекс клиники „Мајка Тереза“ и Медицински центар Тетово.

Директорот на болницата „8 Септември“ Кристијан Костов утринава кажа дека возачот бил примен синоќа, по извршените прегледи му биле констатирани телесни повреди и бил пуштен на домашно лекување. Возачот кога бил примен во болницата бил во свесна состојба и дал изјава на полиција и јавен обвинител.

 

Полицијата на двете страни од автопатот врши увид, а од искршените и извитканите банкини јасно се гледа каде автобусот излетал од патот кон Гостивар, преминал на спротивната лента, ја пробил заштитната ограда и паднал во бездната. Дали станува збор за техничка греѓка на возилото, или пак несреќата ја предизвал човечки фактор ќе покаже истрагата.

 

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави