Дваесет и девет повредени во вчерашната сообраќајна несреќа кога автобус се преврте на автопатот Скопје-Тетово, се лекуваат во Градската општа болница „8 Септември”, шест повредени се во Клиничкиот центар, а двајца пациенти се во Тетовската болница. Во несреќата има 14 жртви, а седуммина од кои четворица во ГОБ „8 Септември” и тројца во Клиничкиот центар се во критична и тешка состојба, но се во стабилна здравствена состојба.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи ги посетија повредените во ГОБ „8 Септември”.
– Возачот на автобусот има телесни повреди и е пуштен на домашно лекување, изјави директорот на ГОБ „8 Септември”, Христијан Костов.
Заев истакна дека од вчера и денеска сите државни служби се ставени во функција постојано во грижа на повредените.
– Драго ми е што ги видовме сите повредени кои се надвор од животна опасност, дури и оние кои се на интензивна нега се во стабилна состојба. Се работи најмногу за млади луѓе меѓу кои е и една од портпаролите на ЕВН, која е во добра состојба. Вчера истрагата почна, информациите ги знам од министерот за внатрешни работи, под раководство на надлежен јавен обвинител заедно со полициските служби беше направен увидот на лице место. Возачот беше во свесна состојба, уште вчера се направени разговори со него, кои ќе продолжат. Претпоставувам дека возачот е лицето кое може да даде сериозни информации, но и самите повредени, рече Заев и посочи дека дошле да им изразат поддршка на повредените од тешката сообраќајна несреќа.
Тој се заблагодари на ГОБ, клиничките центри, сите други јавни институции во Скопје, Тетово, Гостивар, на полицајците, на пожарникарите, на сите други јавни служби кои им се нашле на луѓето во напорите за спасување човечки животи и итно помагање.
– Се заблагодарувам од името на Владата за солидарноста и хуманоста на нашите сограѓани од селото кои претрчаа во првиот момент и буквално покажаа човечност, големина. Нивната помош веројатно за голем дел од луѓето било и од пресудно значење. Тоа е сериозна хумана порака до сите граѓани. Искрено сме благодарни до овие наши сограѓани пред се до младите момчиња кои беа таму веднаш по несреќата и помагаа. Сакам да ја споделам оваа голема тага што ја има целата јавност во Македонија. Нашиот фокус е кон повредените, но и кон поддршка на семејствата на загинатите. Владата е подготвена за се што треба за повредените и за семејствата на загинатите. Навистина огромна трагедија која ја обви во тага целата наша земја, додаде Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче изрази сочувство до семејствата на загинатите и благодарност до локалното население кои први им пружија помош на преживеаните. Посочи дека во несреќата има 14 жртви.
– Во ГОБ „8 Септември” се примени 37 лица, осум на скопските клиники, двајца во Тетовската болница и една пациентка, чија реанимација не успеала во Старата градска болница. Во ГОБ „8 Септември” има четворица пациенти кои се во Одделот за интензивна нега и се во критична состојба и уште тројца се во Клиничкиот центар во Одделот за интензивна нега, каде во текот на ноќта се изврши хирушка интервенција. Ноќеска се оперирани тројца пациентки во Клиничкиот центар и една пациентка во ГОБ „8 Септември”, истакна Филипче.
Посочи дека исклучително брзо реагирала Итната медицинска помош на ефикасен, професионален начин биле на лице место и дале прва помош. Тој се заблагодари за помошта од страна на приватните здравствени установи Систина и Неуромедика кои им излегле во пресрет со нивните амбулантски возила и ги транспортирале пациентите, најголем број во ГОБ „8 Септември”.
– Осумдесет отсто од персоналот беше на работа во многу краток временски интервал од 15 минути се организираше системот на работа. Се примија огромен број пациенти за многу кратко време, се направи тријажа и се сместија во соодветните оддели за лекување тука и во Клиничкиот центар во Скопје. Се надевам дека овие седум пациенти ќе ја надминат оваа криза и дека понатаму ќе го продолжат лекувањето надвор од интензивната нега на соодветните оддели, додаде Филипче.
Директорот на ГОБ, Костов рече дека вчера дошле службите од МВР, бидејќи имало шест смртни случаи и додаде дека имале потешкотии во идентификацијата на починатите.