Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава, истакна претседателот Ѓорге Иванов, во своето обраќање на комеморативната седница на Општина Гостивар, по повод трагичната сообраќајна несреќа, што вчера попладне се случи на автопатот Скопје-Тетово.
– Се вели дека луѓето не умираат кога ќе ги погребат, туку кога ќе ги заборават. Да остане споменот за овие луѓе вечен, да се сеќаваме на нив, да ги спомнуваме, и на нивните најблиски да им помагаме овие тешки моменти да ги пребродат. Тешка е загубата, но уште потешко е ако вакви настани ни се повторуваат. Ова е поука да бидеме секој пат внимателни, рече претседателот Иванов,
Иванов, како што информираа од неговиот кабинет, истакна дека тие луѓе кои ги изгубиле своите животи ги изгубиле своите соништа, планови, сите свои мечти, а се стремеле да имаат добар и среќен живот.
– Нека биде поука да бидеме сплотени, да се почитуваме, и секој пат да си укажуваме на вакви моменти поддршка, затоа што животот е краток, многу брзо проаѓа. Нека биде животот исполнет со моменти на среќа и на радост, а не со тага. Уште еднаш изразувам најдлабоки сочувства до семејствата, до пријателите, до блиските, до општината, до државата. Ова е тажен ден за Македонија, тажен ден за сите нас. Вакви настани да не ни се случуваат. Нека им е вечна слава, рекол претседателот Иванов во обраќањето пред советот на Општина Гостивар.