Меѓуградски превоз: Стари ама „технички исправни“автобуси и вишок продадени билети

Стари, ама „технички исправни“, полни автобуси, ама со карти купени кај возачот. Вишок карти, вишок патници во возилата, диви превозници… Ваква е состојбата со меѓуградскиот превоз во земјава, за која се зборува само кога ќе се случи трагедија каква што се случи во средата на автопатот Скопје- Тетово.

Додека трае истрагата за несреќата на автобусот на „Дурмо турс“ во која загинаа 14 лица, денеска се случил нов инцидент со автобус на истата компанија. Утрово во Гостивар му се блокирале задните тркала, па патниците морале да се префрлат во друг автобус.

Голем е бројот на патници кои се возат од Тетово и Гостивар кон Скопје, каде што работат, па затоа многу не обврнуваат внимание како и во што се возат, туку само да стигнат на време на работа и порано да се вратат дома.

Сепак, иако, автобусите на прв поглед влеваат доверба, станува збор за возен парк стар околу 20-ина години, што е голем период ако се има во предвид дека станува збор за возила кои се користеле и за меѓународни релации и имаат голема километража.

-Патував една вечер за Гостивар, но не беше на „Дурмо турс“ автобусот. Како и да е, патниците се молеа на Господ да стигнеме живи и здрави. Автобусот се тресеше како ненормален, а од време на време губеше правец. Не знам дали беа амортизерите или тркалата, ама под седиштето се тресеше цело време, раскажува скопјанка која на возењето се присетила по веста за трагедијата.

Но дали тоа што поминале техничка регистрација значи дека автобусите се вистина безбедни за да можат да учествуваат во сообраќајот? Податокот дека ниту Државниот инспекторат за транспорт ниту пак Министерството за транспорт и врски немаат надлежност да утврдат дали е дозволено ист газда да има станица за технички преглед и да биде превозник фрла друго свето на овој проблем. Па така денеска јавноста дозна дека фирмата „АМЗ Гостивар“ каде се вршел техничкот преглед на автобусот на „Дурмо турс“ имаат ист сопственик.

Тетовски и гостиварски превозници со комбиња денес собираа патници од неколку градски постројки, исто како автобуските превозници. Прво кај постројката на Народна банка, а најголем број патници се качуваат на првата станица на булеварот Партизански одреди.

Добрите познавачи на состојбите велат дека ова е противзаконско. Ниту комбе, ниту пак автобус не смее да застане на место кое не е дозволено и да собере патници за меѓуградска линија. Велат дека ова го знаат и инспекциите и патниците, но никој не сака да зборува за тоа официјално.

 

-Ако работат во Карпош, а живеат во Тетово, не одат до автобуската станица. Се договараат со возачите каде да ги земат. Дури се случува да кренат рака и на сред пат да застанат како такси компании, а не како овластени превозници. Многу од патниците и стојат до Тетово и Гостивар, се продаваат и вишок карти. Се се прави за плус заработувачка- велат во една компанија која се занимава со превоз на патници. Тие велат дека голем проблем се и дивите превозници. Тие не само што им ја рушат цената туку им го земаат и бизнисот, а немаат никакви давачки.

А дали во автобусот на „Дурмо турс“ имало вишок на патници ќе покаже истрагата, бидејќи обвинителството информираше дека работи на утврдување на тоа колку карти биле продадени и дали во возилото имало вишок патници.

Патниците кои екипата на 24 инфо ги затекна на автобуските постројки велат дека секој ден патуваат во исто време со истите превозници. Не гледаат ништо лошо во тоа што не се качуваат кој каде ќе стигне бидејќи ова го прават отсекогаш.

-Се случувало комбето да е преполно, но половина час стоење не е многу. Патувам скоро пет години на ваков начин и секогаш се качувам на оваа постројка. До сега немало проблем ниту со инспекции, ниту пак со возачите- вели една патничка од Гостивар.

Но не е проблем само качувањето во комбињата по постројките. И симнувањето е посебен пробем. Денес во два наврати сведоци бевме како гостиварско комбе симнува патници на средна лента на булевар кај ТЦ „Мавровка“.  Комбето возеше со оворена врата, за да третиот патник се симне исто на средна лента на булевар на мостот кај Народна банка.

Валентина Ангеловска

 

 

Треба да знаете
Последни објави