По предупредувањата на албанската полиција за можни обиди за дестабилизација за време на утрешните ативладини протести и заострената реторка на опозициските лидери, со апел за мирни протести, „што е демократско право”, се јави мисијата на ОБСЕ во Тирана.
Оттаму наведуваат дека „немирите не се покусиот пат да се дојде на власт”.
– Изразуваме надеж дека политичкиот протест в сабота нема да прерасне во насилство. Немирите не се покусиот пат да се дојде на власт. Албанија во минатото видела многу политичко насилство. Секое враќање во тоа време само ќе и наштети на земјата, особено сега кога ќе влезе во решителен четиримесечен период кога сите напори и енергии треба да бидат насочени на организирање локални избори, кои се вистински доказ за демократијата, пишува во соопштението на мисијата на ОБСЕ во Тирана.
Американската амбасада во Тирана ги повика своите државјани во Албанија да бидат внимателни и да избегнуваат присуство во зоните каде ќе се собираат демонстрантите.
Во соопштението се наведуваат локациите каде ќе се собираат и маршрутата по која ќе се движат демонстрантите, главното место (пред Владата) на протестот, кој како што се наведува „ ќе почне во 11:00 часот, но не се знае кога ќе заврши”.