Планинскиот тркач Александар Кирковски реализираше брзинско искачување на Аконкагва

Македонскиот планинар и планински тркач Александар Кирковски вчера реализираше брзинско искачување на највисокиот врв во Јужна Америка – Аконкагва, на 6962 метри надморска височина на Андите. Поаѓајќи од базниот камп Плаза де Мулас, на 4300 мнв во 07:00 часот, на Кирковски му биле потребни вкупно 9 часа 52 минути, за искачување на врвот и враќање назад.

Ова брзинско искачување претставува пионерски потфат во балкански рамки, но и резултат вреден многу пошироко. Вообичаеното потребно време за искачување на Аконкагва е три до четири дена.

“Не беше воопшто лесно, во првите часови имав проблем со мрзнење на стапалата и не знаев дали ќе можам да продолжам. Го дадов својот сопствен психофизички максимум и презадоволен сум од постигнатото. Ова е резултат на долги години труд и ентузијазам, нека биде мотив за идните генерации планински спортисти. Им благодарам на сите кои дадоа поддршка и посебно на Димитар Тодоровски кој е овде со мене” изјави Кирковски

Врвот Аконкагва нема техничка тежина, но се карактеризира со многу ниски температури и силни ветрови, а концентрацијата на кислород на врвот е само околу 40% во споредба со морското ниво. За Александар ова е второ искачување на Аконкагва во неколку дена, откако на 9 февруари го искачија врвот заедно со Димитар Тодоровски. Претходно има поставено најдобри македонски времиња на Мон Блан, Елбрус, Матерхорн и други врвови.

Акцијата е дел од програмата на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија, поддржана од Агенцијата за млади и спорт, како и повеќе спонзори и пријатели. Подвигот е посветен на пријателите планинари Калина Велевска и Александар Миновски кои трагично настрадаа на Кајмакчалан минатиот фебруари.

Треба да знаете
Последни објави