Германската канцеларка Ангела Меркел денеска на Минхенската конференција за безбедност цврсто ја бранеше одлуката на европските земји да го поддржат нуклеарниот договор со Иран, додека американскиот потпретседател Мајк Пенс ја обвини Европа дека повторно ги поткопува САД.
Пенс во Минхен инсистираше на тоа Европејците да се повлечат од нуклеарниот договор, нарекувајќи го Иран водечки државен спонзор на тероризмот во светот.
„Време е нашите европски партнери да престанат да ги загрозуваат американските санкции против овој убиствен режим. Време е нашите европски партнери да застанат со нас и со иранскиот народ, како и нашите сојузници и пријатели во тој регион. Време е нашите европски партнери да се повлечат од нуклеарниот договор на Иран“, рече Пенс.
Тој ова го истакна откако Меркел рече дека ја споделува загриженоста поради многуте обиди на Иран да ја зголеми својата моќ во регионот.
„Гледам програма за балистички проектили, го гледам Иран во Јемен и пред сé го гледам Иран во Сирија. Единственото прашање кое стои меѓу нас во овој проблем е дали ја поддржуваме нашата заедничка цел – нашата заедничка цел да се спречи штетата или тежок развој на Иран, со повлекување од еден од преостанатите договори“, запраша германската канцеларка.
Таа, исто така, праша дали е добро за САД брзо да ги повлечат војниците од Сирија и дали тоа не е можност за Иран и Русија да извршат притисок во оваа земја.
Покрај ова недоразбирање, Пенс повтори дека САД се спротивставуваат и на германско-рускиот проект за гасоводот Северен тек 2 и како што рече, Вашингтон е загрижен дека тоа ќе ја направи Европа премногу зависна од рускиот гас.