Премиерите Заев и Ципрас на панелот по повод наградата „Евалд Фон Клајст“ во Минхен: Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска, заедно со премиерот на Грција Алексис Ципрас, зеде учество на панелот „Разговор со добитниците на наградата „Евалд Фон Клајст“, што ја доделува Минхенската конференција за безбедност и која оваа година им е доделена на двајцата премиери за нивниот особен придонес за мирот и безбедноста во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса.
Панелот на кој во одделни дискусии настапија премиерите Заев и Ципрас, како еден од централните настани на конференцијата, беше посветен на иднината на Западен Балкан.
Премиерот Заев истакна дека на денешниот панел зборуваме за регион кој се менува, кој станува сѐ повеќе европски и кој испраќа позитивни пораки и за другите.
Претседателот на Владата на РСМ Заев го потсети форумот во Минхен дека тој и премиерот Ципрас покажаа дека со кршење на стереотипите во политиката се активираше енергија која помогна да се креираат нови правила на однесување за решавање на отворените, сложени, прашања истовремено со создавање пријателство кое создаде амбиент за решавање на проблемот што беше исправен како пречка за многу процеси меѓу двете земји.
„Им го посветуваме Договорот на младите генерации за нивната иднина, вредеше“, рече премиерот Заев на панелот „Разговор со добитниците на наградата Евалд Фон Клајст“, што ја доделува Минхенската конференција за безбедност, и додаде дека Договорот од Преспа е достоинствено и прифатено решение за двете страни.
Премиерот Заев, информираше дека низ целиот процес доминираше добрата и силна политичка волја да се најде решение, без да се затвора процесот во рамки или да се оградува со црвени линии, и токму таа посветеност помогна да се препознае дека компромисот е вештина која овозможува, дека секој нов чекор е чекор повеќе до решение и дека невозможното сепак може да биде возможно.
Премиерот Алексис Ципрас од своја страна на оваа дебата нагласи, меѓу другото дека, историјата не ја пишуваат тие кои шират страв, туку тие кои се охрабруваат и создаваат решенија за генерациите што доаѓаат, и дека тој и неговиот пријател Заев ја избраа вистинската страна на историјата.
Свечениот дел од врачувањето на наградата на конференцијата „Евалд Фон Клајст“ на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас ќе се одржи вечерва на церемонија чиј домаќин е премиерот на Федералната држава Баварија, Флориан Херман.