Русија е подготвена да соработува со Велика Британија ако Лондон ја корегира својата непријателска политика кон Москва, објави руското Министерство за надворешни работи.
Министерството укажува дека заменик-шефот на руската дипломатија, Владимир Титов, на маргините на Минхенската безбедносна конференција се сретнал со британскиот државен министер за Европа и Америка, Алан Данкан, пренесува „Спутник“.
„Соговорниците разговараа за руско-британските односи и за можностите за решавање на акумулираните проблеми. Руската страна истакна дека нормализацијата на соработката преку дијалог, заснован на меѓусебно почитување и еднаквост, нема алтернатива. Изразена е подготвеност за заедничка соработка доколку британското раководство ги корегира непријателските политики кон Русија“, се вели во соопштението.