Поранешниот градоначелник на Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски преку писмо му се обрати на лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во кое пишува дека во случај на евентуален неуспех на претседателските избори мора да поднесе оставка.
„Мицкоски, место да се занимаваш со својата позиција и преку медиумите и колумнистите блиски до тебе да ги обвинуваш партиските неистомисленици, добронамерно те советувам во наредниот период, кој е клучен за ВМРО – ДПМНЕ, да се посветиш на многубројното членство.
Многу пати досега ти укажав дека мора да покажеш конструктивност и да го обединиш членството, затоа што тоа е неопходно за ВМРО – ДПМНЕ и нејзиниот успех на претстојните претседателски избори. А, доколку партијата загуби, ти како актуелен претседател, ќе мораш да понесеш одговорност.
На професорката Гордана Силјановска – Давкова ѝ посакувам успех во трката за претседател, што истовремено ќе биде и тест за партијата и нејзиното раководство.
Од срце посакувам да победиме, но за да се случи тоа, потребно е обединување. За жал, многу квалитетни и искусни луѓе во моментов се тргнати на страна од партијата, а можат и сигурен сум дека сакаат да му помогнат на ВМРО – ДПМНЕ. Независно од обидите да се релативизираат резултатите од претседателските избори, за евентуалниот неуспех, одговорност мора да има.
Во контекст на ова, би сакал да те потсетам дека Никола Груевски поднесе оставка од позицијата претседател на партијата по поразот на локалните избори во 2017 година, вели Коневски.