Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на сите Албанци им ја честиташе годишнината од независноста на Косово, информираат од оваа партија.
„11-годишнината од независноста на Република Косово ја наоѓа најновата држава во Европа пред завршните предизвици за градење на државноста. Секој од нас има дадено придонес за најголемото национално постигнување, слободна, демократска и независна држава, Косово“, пишува во честитката на, како што велат од ДУИ, лидерот на Албанците во Северна Македонија.
Понатаму во објавата на „Фејсбук“, Ахмети се осврнува на евро-атланските аспирации на Косово.
„Секој од нас што работел за овој ден, денес посакува да го види ова наше заедничко достигнување – Косово, како член на ОН, НАТО и ЕУ, со развиено добрососедство и во благосостојба“, истакнува лидерот на ДУИ.