Најсовремениот систем за водоснабдување во земјава почна да работи рентабилно. Хидросистемот (ХС) „Злетовица” почна да ги наплатува долговите за испорачаната вода, која ја примаат општините Свети Николе и Пробиштип. Директорот на ХС „Злетовица”, Миле Илиевски за МИА вели дека овие две општини редовно ги наплаќаат долговите, што се трупале со години.
– Месечно, двете општини заедно плаќаат од 1.200.000 до 1.300.000 денари што е доволно за покривање на нашите трошоци, така што работиме без загуба. Наплатата на Свети Николе изнесува 200 отсто, а на Пробиштип 100 отсто, вели Илиевски.
Тој додава дека двете општини на ХС „Злетовица” должат околу 21 милион денари, од коишто 15 милиони припаѓаат на Свети Николе, а шест милиониот на Пробиштип. Илиевски е оптимист дека од наредната година ќе почне и реализацијата на втората и третата фаза од ХС „Злетовица”, односно изградба на систем за наводнување на над 4.000 хектари земјоделско земјиште во општините Пробиштип и Кратово, како и изградба на хидроцентрали, од кои три поголеми, а исто толку и помали хидроцентрали за производство на електрична енергија.