Тел Авив одлучи да задржи 138 милиони долари од даноците што ги собира во име на Палестина како одмазда за паричната помош што Палестинската самоуправа им ја плаќа на семејствата на затворените поради насилни антиизраелски кривични дела, пренесува РТ.
Потегот го најави Кабинетот за безбедност на Израел во неделата откако одлучи да го спроведе законот усвоен од парламентот на земјата во јули минатата година.
Законот му дозволува на Израел да замрзне и да одземе средства од палестинските даночни приходи еднакви на паричната помош што палестинските власти им ја исплаќаат на семејствата на затворените од Тел Авив и на поранешните затвореници.
Минатата година на овие луѓе им биле исплатени 138 милиони долари, според израелските податоци.
Иако Палестина ја смета паричната помош за хуманитарна програма за хероите на својата национална борба, Израел – како и САД – сметаат дека тоа се пари за поттикнување на тероризмот.
И покрај израелскиот потег, палестинските власти се чини дека се одлучни да продолжат со исплатите, осудувајќи ја одлуката на Тел Авив како пиратство и кражба.
„Тоа е обид да се изврши притисок врз нас и да не уценуваат. Дури и да ни стане само еден долар, ќе им платиме на семејствата на мачениците, на затворениците и на повредените”, изјави Васел Абу Јусеф, претставник на Организацијата за ослободување на Палестина (ПЛО).