Наградата „Евалд Фон Клајст“ што Минхенската конференција за безбедност ја доделува како признание за особен придонес за мирот и стабилност во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса, на двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, им ја врачи министерот за надворешни работи на Германија, Хаико Маас.
„Конфликтот за име никогаш не е само борба меѓу зборови, а конфликтот меѓу Скопје и Атина никогаш не беше само за име. Тој допираше подлабоки прашања, тој допираше до идентитетот“, рече Маас.
Додаде дека последиците од конфликтот биле сериозни и се попречувала економската интеграција на целиот регион, забавени биле евроатлантските интеграции и конфликтот бил постојан извор на спорови меѓу двете земји, не само меѓу нив, туку и во меѓународните односи, меѓутоа Заев и Ципрас покажале храброст за се согласат на болни компромиси и да се борат за Договорот од Преспа и покрај силната спротивставеност во двете земји.
„Не можам да се сетам на многу шефови на влади, господине премиер Ципрас, кои останале на своето и покрај опасноста тоа да стави крај на нивната коалициска влада. Двајцата и’ пркосевте на ситуацијата. Решавањето на прашањето за името никогаш не беше едноставна задача. Стотици дипломати од вашите земји, од ООН, од Европската унија, од НАТО, бараа решение и под дрво и под камен. Во изминатите години специјалниот пратеник на ООН, Метју Нимиц, предложи десетина различни имиња. Всушност, кога тој започна да работи на ова прашање, вие двајца сè уште студиравте. А вашите министри за надворешни работи, моите колеги Никола и Никос, минаа денови и мошне долги ноќи, преговарајќи меѓу себе. На сите ним им должиме почит и благодарност“, рече Маас.
Додаде дека по потпишувањето, шансите за спроведување на договорот биле многу мали, се водела и огромна кампања против договорот, но надежта му ја вратил оптимизмот на лидерите.
„Кога го прашав премиерот Заев како да го насочиме договорот низ фазата на ратификација, тој се насмевна и рече: ‘Да беше лесно, немаше да мора ние да го правиме’. Таков беше духот на преговорите, тој беше гаранцијата за успех. Успеавте да ја свртите страницата на конфликтот од минатото, отворивте ново поглавје на добрососедски односи. Го поплочивте патот на Северна Македонија, да стане најновиот сојузник на НАТО и брзо да се придвижи кон Европската унија“, додаде Маас.
Тој подвлече дека Евалд Фон Клајст се одликувал со многу од особините кои ги покажале Заев и Ципрас. Ги одбил сите форми на национализам, покажал огромна храброст кога се приклучил на силите на отпорот за да стави крај на нацистичкиот режим. И никогаш, како што рече Маас, не престанал да верува во способноста на луѓето заеднички да работат во полза на мирот.
„Не можам да се сетам на други двајца подостојни приматели на наградата Евалд Фон Клајст од вас двајца, Алексис Ципрас и Зоран Заев. Ви честитам за наградата Евалд Фон Клајст и ви благодарам што сте вистински европски лидери“, додаде министерот во обраќањето.