Во текот на минатите две недели, царинските службеници открија еден обид за криумчарење дрога и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани електрични алати, електрични велосипеди, автоделови, обувки, облека, опрема за скијање, цигари, патенти, конец за шиење и фалсификати.
Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за криумчарење марихуана и амфетамин. На ден 13.02.2019 година, околу 23 часот, за излез од државата се пријавил македонски автобус што сообраќал на редовна линија Струга – Салцбург, управуван од македонски државјанин. Царинските службеници селектирале за детална царинска контрола македонски државјанин кој патувал со автобусот, и додека го спроведувале до просторијата за преглед, забележале дека фрлил две кесички со непозната растителна материја. При извршениот личен претрес, во долната облека на патникот била пронајдена уште една кесичка со непозната растителна материја, а во џеб од неговата јакна била пронајдена фолија од цигари со непозната бела прешкаста материја. Покрај тоа на подот, покрај неговите нозе била пронајдена уште една кесичка со непозната бела прашкаста материја. По извршеното вештачење на пронајдените материи од страна на Министерството за внатрешни работи, било утврдено дека растителната материја претставува марихуана со вкупна маса од околу 51 грам, а прашкастите материи претставуваат диазепам со маса од 14 грама и амфетамин со маса од 0,25 грама.
Царинската управа против патникот поднесе кривична пријава заради сомневање дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
29 електрични алати, 11 двогледи, 64 пара обувки и 2 електрични велосипеди, откриени во два одвоени случаи, при контрола на еден автомобил и еден автобус, пријавени за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Во првиот случај, во 3 торби сместени во багажниот простор на македонски автобус што сообраќал на релација Дизелдорф – Дебар, биле пронајдени 29 електрични алати (дупчалки и штрафилки), 11 двогледи и 64 пара обувки (патики и работнички чевли). Непријавените производи се привремено задржани, а против сопственикот, македонски државјанин кој патувал со автобусот, е поведена прекршочна постапка.
Во вториот случај, во багажникот на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, биле пронајдени 2 електрични велосипеди марка PIAGGIO WI со опрема (полначи за батерија, дисплеи за велосипед, код картички, клучеви, катадиоптери и ранци), кои биле прекриени со кутии со производи од ИКЕА. Велосипедите, за кои возачот изјавил дека се купени во Скопје и дека претходно ги изнел од Република Македонија, но не приложил документ како доказ, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
135 парчиња употребувани автоделови (ладилници за интеркулер, инструмент табли, пумпи за гуми, вентилатори за систем за греење, ракети за волан, модули за палење, употребувани гуми и други) и еден употребуван моторцикл, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонски камион натоварен со употребувани автоделови од испраќач од Германија, наменети за увозник од Скопје, пријавени за увозно царинење во царинската испостава Скопје 1. Производите, кои не биле опфатени со царинската декларација, се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
440 парчиња готови текстилни производи, 292 парчиња скијачка опрема, 7 велосипеди и 1 клима уред, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, при контрола на турски автобус што сообраќал на релација Истанбул – Гостивар, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица, во куфер сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, биле пронајдени 440 парчиња готови текстилни производи (фустани, чорапи и марами). Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Во вториот случај, при контрола на македонски камион, натоварен со употребувани производи од испраќач од Швајцарија, наменети за физичко лице од Струга, пријавени за увозно царинење во царинската испостава Струга, биле пронајдени 84 пара скии, 26 пара скијачки чизми, 16 скијачки кациги, 50 скијачки стапови, 6 даски за скијање, 7 велосипеди и 1 клима-уред инвертер, кои не биле опфатени со царинската декларација. Производите се привремено задржани, а против увозникот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.