Во северниот дел на Шпанија избувнаа повеќе од 50 шумски пожари, во чие гаснење учествуваат над 700 пожарникари, а властите во регионот Кантабрија побарале помош и од војската.
Лидерот на Кантабрија, Ангел Ревиља изјави дека 99 отсто од пожарите се намерно подметнати, нарекувајќи ги одговорните „пиромани со болни умови”.
Според него, огнената стихија сериозно го оштетила екосистемот и природата на Кантабрија.
Повеќето пожари избиле во ридестите, рурални предели, каде високите температури и силните јужни ветрови го отежнуваат гаснењето на огнот.
Регионалната влада побарала соработка од јавноста за спречување на натамошни пожари и доколку можат да идентификуваат кое било лице што го подметнало пожарот.