Полицијата разбила група шверцери на оружје, кои преработувале сигнални пиштоли во огнено оружје по цена од 250 до 400 евра, информираше МВР.
Станува збор за Ф.А. (39), Б.А. (34), Н.М. (63), Ф. Ј. (32), А.А. (29), С.Н. (48), Б.М. (25) сите од Скопје и Џ.Р. (36) од Тетово и С.И. (47) од Куманово. Сите се уапсени, а против нив ќе бидат поднесени кривични пријави за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Според полицијата, во неколку различни случаи документирани се продажби на вкупно десет пиштоли. При реализацијата на 18.02.2019 година, постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории издадени од Судија за претходна постапка, извршени се претреси на вкупно 13 локации. Досега се пронајдени и одземени една автоматска пушка, една ловна пушка, 16 пиштоли, муниција од различен калибар, мобилни телефони и СИМ картички.
Од истрагата било утврдено дека Ф.А. и А.Б. подолг период, во работилница лоцирана во Скопје со употреба на пригоден алат изработувале огнено оружје така што Ф. А. набавувал пиштоли за светлосна и звучна сигнализација, а А.Б. во својата работилница ги преработувал во огнено оружје. Тој ја вадел цевката која што служи за испукување на гасен куршум и на нејзино место вметнувал метална цевка претежно од калибарот 7,65 милиметри. Исто така, биле набавувани и други видови на огнено оружје и разни видови на муниција кои ги продавале на заинтересирани лица. По конвертирањето на оружјето, пронаоѓале заинтересирани лица и го продавале по цена од 250 до 400 евра.