Надлежниот јавен обвинител до судот ќе достави предлог за определување мерка притвор за учесниците во криминалната група која изразботувала и продавала огнено оружје.
Основното јавно обвинителство сооопшти дека е поведена постапка против девет лица за сторено кривично дело – неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Осомничените во текот на октомври минатата година ја создале криминалната група, која на територијата на државата неовластено изработувала, држела, продавала и посредувала во трговија со огнено оружје и муниција во поголемо количество. Некои од осомничените од засега непознато место набавувале потребна количина пиштоли за светлосна и звучна сигнализација. Набавеното оружје во работилница, во сопственост на еден од осомничените, со употреба на пригоден алат било неовластено изработувано во огнено оружје – пиштоли.
„Ова оружје може да се употребува за нанесување тешки повреди со смртни последици. По изработката на пиштолите, некои од осомничените пронаоѓале заинтересирани лица во земјата и го продавале огненото оружје за цена од 150 до 400 евра“, велат од Обвинителството.
Претходно, МВР соопшти дека групата била составена од лица од Скопје, Тетово и од Куманово, а по наредба на судија, биле извршени претреси на 13 локации за време на акцијата.