На 26 февруари, во ноќниот клуб Станица 26, со почеток во 21 часот за првпат пред македонската публика со двочасовен сет ќе настапи хип хоп пионерот Grandmaster Flash. Двочасовниот диџеј настап во Скопје е дел од неговата голема турнеја „Hip-Hop: People, Places and Things“. Она што ќе го видиме во Скопје е своевиден музички времеплов и час по едукација за се она што значи хип хоп од 70те години па се до денес. Настапот е во организација на 3Гонга во соработка со SureShotz Entertainment. Како локална поддршка ќе настапат Shorty P & Irie Scratch.
За нас Grandmaster Flash претставува клучна фигура во полето на хип-хоп музиката. Тој е еден од најзаслужните за револуцијата и популаризацијата на овој музички правец. Како диџеј, „алатките“ кои тој ги креираше се од исклучителна важност за сите генерации по него кои се занимаваат со оваа работа“, велат Shorty P & Irie Scratch.
Grandmaster Flash од неодамна е добитник на Polar Music Prize наградата за 2019 година. Оваа музичка награда се смета за еквивалент на Нобеловата награда, и се доделува во Шведска. Во предходните години оваа награда ја имаат добиено, Боб Дилан, Пол Макартни, Џони Мичел, Стинг, Пети Смит, Чак Бери, Кронос Квартет, Бјорк, Енио Мориконе, Пинк Флојд… На доделувањето беше најавен како еден од главните „виновници“ за креирањето на hip-hop звукот.