Возачот на “мазда” кој предизвика судир во кој погина пејачот Шабан Шаулиќ, прво тврдел пред полицијата дека “сеатот” во кој се наоѓал пејачот всушност предизвикал судир, пишува германски сајт.
34-годишниот возач на “мазда” кој бил во алкохолизирана состојба и возел без дозвола тврдел дека возачот на “сеатот” изгубил контрола над возилото и дека “не можел да ја избегне препреката па затоа удрил во него отпозади”.
При силниот удар, багажникот на малиот бел автомобил се “згужвал како хармоника сѐ до задното седиште”. Двете возила нагло свртеле кон десно од коловозот и удриле во банкина.
Меѓутоа, истрагата докажала дека 34-годишниот маж од Гитерслоу е виновен бидејќи со својата “мазда 6” налетал на возилото “сеат ибица” од Офенбах, кое се движело пред него, и дека возилата дури потоа нагло свртеле и се удриле, пренесуваат медиумите.
Шабан Шаулиќ кој се наоѓал на совозачкото место погинал, додека неговиот возач и третиот патник се повредени. Истрагата покажала дека пијаниот Германец бил под силно дејство на алкохол и дека немал возачка дозвола. Стравичната несреќа се случила вчера наутро околу 6:50 часот на патот А2 во правец на Дортмунд.
На местото на несреќата биле воочени морничави сцени – каросериите на двата автомобили се потполно уништени, стаклата се искршени, а возилата се речиси непрепознатливи. За време на истрагата, автопатот А2 во правец на Дортмунд бил привремено затворен на пет часа.