Најбрзиот воз Индија се расипа на своето прво патување, само еден ден откако беше пуштен во употреба од премиерот Нарендра Моди.
„Ванде Бхарат експрес“ се враќал во Њу Делхи од северниот град Варанаси кога бил принуден да застане на станицата Шамола, која се наоѓа на околу 190 километри од главниот град.
Според изјавата на индиското Министерство за железници, дефектот настанал поради проблеми во комуникацијата меѓу последните четири вагони и остатокот од возот поради „надворешен удар“.
Возот бил сопрен, а потоа проверен за грешки, пред да биде пренесен во Делхи, се вели во изјавата.
Почетното патување на „Ванде Бхарат експрес“ од Њу Делхи до Варанаси беше успешно.
Полубрзиот воз, произведен во јужниот град Ченаи, може да достигне максимална брзина од речиси 160 км/ч. Неговото производство е дел од амбициозната иницијатива на Моди наречена „произведено во Индија“ која има за цел да ја трансформира земјата во глобален производствен центар.
Возот може да собере 1.128 патници, а со него патот од Њу Делхи до Варанаси од 750 километри се поминува за осум часа. Истата таа рута со другите возови се поминува за нешто повеќе од 11 часа.