СДСМ како одговор на обвинувањата за непотизам во нивните редови, вели дека вистинската адреса на која ВМРО-ДПМНЕ треба да постави прашања за непотизам е нивниот лидер Христијан Мицкоски.
„Мицкоски треба да им одговори како од толку многу професори на Машинскиот факултет, тој станува асистент токму кај неговиот татко со кого и заедно пишувале книги и учебници?
Како Мицкоски добил бизниси со хидроцентрали од владата на Никола Груевски кадешто бил советник?“, наведува СДСМ во реакцијата.
Владејачката партија додава дека 11 години ВМРО-ДПМНЕ ги партизирало сите државни и јавни претпријатија, а од институциите правело партиски штабови. Велат дека остануваат доследни на ставот дека во државната администрација нема и не смее да има реваншизми, притисоци и политика.
„Како што е веќе најавено ќе се испита целиот процес на вработувањата во јавниот сектор, како и на лица блиски до одредени функционери и јавноста навремено ќе биде информирана. Доколку се утврдат какви било прекршувања на процесите при вработување, или влијанија, ќе бидат преземени соодветни мерки.
Секој има право да членува или да не членува во политичка партија, но тоа право никако нема и не смее да влијае на вработувања.
Деполитизирана и департизирана администрација значи вработување спроед мерит систем, а не според политика или партиска припадност“, се вели во реакцијата на СДСМ.