„Бев воден од срцето, а не од разумот“ во својот завршен збор кажа обвинетиот Игор Југ, кој за себе рече дека е човек кој помага на други, а никогаш за себе и за своето семејство. Рече дека е дете на комунисти, но и дека е доживотен следбеник на десното крило на ВМРО и дека негов идол е Тодор Александров. Учествувал на протестите затоа што не сакал менување на името и Уставот, а помалку па да се прават странски платформи.
Учеството во протестите „За заедничка Македонија” за Горанчо Ангелов од здружението „Ќосето” кој е обвинет за настаните од 27 април во Собранието, било од патриотски причини.
Ангелов пред судечкиот совет потсети на настаните од 2017 година за кои рече дека кога тргнале од „Дион” кон Собранието вратите веќе биле отворени и влегле внатре. Имал маска која ја ставал и ја вадел, и толку бил збунет што не знаел што прави. Влегол во ходникот до прес-салата и излегол откако видел дека внатре имало „кавги”. Тој тогаш го напуштил Собранието и седнал на клупа во Жена парк. Таму му пришол Горан Бошковски и му рекол да се врати назад да му помогне на Сашо Марковски да не го нападне некој. Ангелов влегол внатре и добил задача да седи во портирницата од споредниот влез на Собранието. Додека бил таму започнала акцијата на полицијата и повторно се вратил во Жена парк. Ангелов рече дека му е жал за тоа што се случило и дека не е терорист.