Комитетот за превенција на тортура (КПТ) на Советот на Европа препознава значајни предизвици со кои во моментов се соочуваат грчките власти со пристигнувањето на големиот број на странци во земјата. Сепак, врз основа на посетата од април минатата година, КПТ има докази за физичко малтретирање од страна на полицијата, вклучувајќи шлаканици, тупаница, клоци и палки, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Во извештајот на КПТ е објавен и одговорот на грчката Влада, обвинувањата се однесуваа воглавно за местата за задржување во регионот Еврос (центарот за задржување пред протерување Филакио и полициската станица и станицата на граничната полиција Тихеро) на островот Лесбос (центарот од Морија).
КПТ притоа препорачува дека Грција треба да преземе „силни мерки” за да се искорени малтретирање на странските државјани лишени од слобода од страна на полицијата.
Понатаму КПТ смета дека условите за притвор во полициските станици и тие на граничната полиција се уште се „несоодветни” за задржување на лица за период од повеќе од 24 часа, но овие места продолжуваат да се користат за држење на подолг период на илегалните имигранти.
Условите центрите кои беа посетени од делегацијата на КПТ се движат од добри (на Пили на островот Кос), прифатливи (Амигдалеза), лоши (Мориа), или „одвратни” (Филакио).
Исто така, КПТ смета дека грчките власти треба да преземат „итни мерки” за да се обезбеди ранливите лица да се префрлат во отворени прифатни центри прилагодени за нив и дека жените и децата никогаш да не се задржуваат на истото место со мажите кои не ги познаваат.
Здравствените услуги за приведените странци исто така според КПТ беа несоодветни. Во повеќето од посетените центри за притвор, Комитетот забележа хроничен недостаток на медицински персонал. Недостасува дури и медицинската опрема и основните лекови, медицинскиот преглед при пристигнувањето не се спроведува систематски и пристапот до лекар сè уште не е ефикасен во пракса. Извештајот дава низа препораки за решавање на овие недостатоци.
За жал, грчките власти не преземаа никаков одлучувачки чекор за спроведување на старите препораки на КПТ за притворот на децата мигранти. Комитетот препорачува грчките власти целосно да ја преиспитаат својата политика за притворот на малолетниците без придружба, без разлика дали се за прием и за идентификација или „како заштита”.
КПТ ја повторува својата препорака да се стави крај на практиката на сместување на децата во притвор со своите родители во полиција.
КПТ, меѓу другото го повторува својот повик за подобрување на ситуацијата за психијатриските пациенти во Грција.