Политичката дискриминација врз основ на припадност или симпатизирање на одредена политичка партија, а согласно тоа потоа и остварување на одредени бенефиции при вработување или други права е најчестиот облик на дискриминација во земјава.
Најголем број од случаите кои се пријавени во Комисијата за заштита од диксриминација се однесуваат токму политичка диксриминација во работните односи, а Марија Ристеска, директор на Центарот за истражување и креирање политики на денешната Четврта сесија на Работната група два – социјална политика и вработување во рамки на Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија, посочи дека граѓани кои при вработувањето се соочуваат со ова треба да се чувствуваат дискриминирани и да ги користат механизмите за заштита.
-Има секаков вид дискриминација, а според работата на Комисијата за заштита од дискриминација најмногу има политичка дискриминација. Тоа зборува за поларизацијата во нашето општество и се надевам дека ќе созрееме и ќе ги надминеме политичките поделби и дека со новиот закон за заштита од дискриминација ќе обезбедиме ефективни механизми за заштита, истакна Ристеска.
Таа напомена дека државата мора да одлучи каков модел на јавна администрација ќе воспостави.
-Треба да се донесе одлука дали ќе имаме политички модел на јавна администрација или ќе имаме како францускиот модел, каде има професионална компетентна јавна администрација, која е ослободена од политизација. Ако се одлучиме за германскиот модел за целосна политизација на администрацијата, тоа треба јавно да го кажеме, да го спроведуваме и тогаш нема да имаме случаи на диксриминација, тогаш ќе знаеме дека патот за вработување во јавниот сектор е преку политичките партии, истакна Ристеска.
Комисијата за спречување на дискриминација секако добива и други претставки токму по оваа основа, но има претставки и за дискриминација поради сексуална ориентација, верска и етничка припадност.
Во однос на родовата дискриминација, вели таа, недостасуваат основите за препознавање на дискриминаторското однесување, но и можноста да се докаже дека сте дискриминирани по таа основа.
Дел од препораките, кои произлегоа од Четвртата сесија, е зајакнување на механизмот за еднакви можности на жените и мажите со прецизно утврдени законски надлежности и унапредување на статусот на владиниот механизам (СЕМ) во секретаријат во Владата, вклучување на принципот на еднаквост и недискриминација во процесот на колективно договарање и донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Јармила Лајчакова, словачка експертка од невладиниот Центар за истражување на етнички заедници и култура истакна дека Словачка од 2004 година има закон за заштита од дискриминација, кој бил одлично оценет од ЕК, но сепак проблемот бил и се уште е имплементацијата.
Таа препорача тренинзи за судиите и јавните обвинители со цел да разберат што претставува дискриминацијата, во нејзините различни форми за да можат понатаму правилно да го применат законот.
Јована Тренчевска, државна секретарка во Министерството за труд и социјална политика, која е копретседавач на Работната група два, истакна дека при креирањето на политиките треба да се земе предвид дека различните општествени групи немаат исти приоритети, интереси и потреби поради што не може да се третираат на ист начин. Таа напомена дека постои голема разлика меѓу ист и еднаков третман и додаде дека политиките треба да се креираат врз основа на принципот на еднаков третман.
Тренчевска истакна дека земјава има добро заокружена законска и институционална рамка во делот на еднаквите можности и недискриминацијата и потсети дека во 2006 година беше донесен и првиот закон за еднави можности меѓу мажите и жените, кој оттогаш претрпувал измени и усогласувања со европското законодавство.
Треба подобрување во оваа сфера, смета таа и додава дека сепак земјава се движи на вистинскиот пат да создаде општество кое нема да толерира дискриминација по која било основа.
-Потврда дека сме на вистинскиот пат и дека можеме да направиме повеќе е ратфикацијата на Истанбулската конвенција, која е важен меѓународен инструмент во делот на сузбивањето на насилството врз жените и семејното насилство, додаде Тренчевска.
Националната конвенција за ЕУ е специфичен инструмент, преку кој целото општество се вклучува во процесот на интеграција на земјата во Унијата со обезбедување партнерски однос меѓу владата и граѓаните преставени преку бизнисите, бизнис асоцијациите, синдикатите, граѓанските непрофитни организации, академската заедицата. Работната група два – социјална политика и вработување се однесува на Поглавјето 19 од преговорите со ЕУ