Скулптурите од мраз и снег направени од речиси 10 000 уметници во градот Харбин, во североисточна Кина, се стопија поради изненадувачкиот топол бран, поради што организаторите беа принудени предвреме да го затворат најголемиот зимски фестивал во Кина.
Поради најтоплата недела во тоа подрачје оваа зима, организаторите беа принудени 10 дена пред рокот да го затворат фестивалот, пренесе „Ројтерс“.
Еден од организаторите истакна дека фестивалот е затворен од безбедносни причини бидејќи скулптурите почнале да се топат.
Зимскиот парк во Харбин, град на североистокот во земјата кој е познат по исклучително студеното време, привлекува повеќе од милион посетители.
Дел од посетителите кои резервирале билети за посетата на мини репликите на Колосеумот и катедралата во Милано се разочарани поради раното затворање, поради што изразија негодување.
„Зошто не бевме информирани на време? Резервирав билети за воз и хотел, а вие сега сте затворени“, напиша еден турист на „Твитер“.
Организаторите тврдат дека е извршено враќање на парите за билетите.
Минатата зима паркот беше затворен на 10 март.