Бранителот Димитар Дангов на обвинетиот Сашо Срцев во завршен збор на судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2″, побара носење ослободителна пресуда и праша за што се обвинува.
Според Дангов, Срцев и да сакал не можел да направи кривично дело со дигање на раката и давање на својот глас за прифаќање на приговорот, бидејќи одлуката за поништување на гласањето на избирачкото место во Струмица за која гласал се носела со мнозинство гласови и се потврдува од Управниот суд.
– Што прави обвинителството. Без докази на Сашо Срцев му се импутира дека заедно со други обвинети членови на ДИК донеле наводно незаконска одлука за поништување на гласањето без да наведат соодветна причина. Не е доволно да се раскажуваат неколкуте фази во кои се спроведувало гласањето на избирачкото место и наводно поради несовпаѓања на образложенијата и одлуките да се докажува наводен начин на извршување на кривично дело, изјави Дангов.
Дангов, исто така, се приклучи на наводите од претхидните адвокати за ненадлежноста на СЈО.
– Овој суд е надлежен да донесе ослободителна пресуда, бидејќи постапката против Сашо Срцев е водена од неовластен тужител, изјави Дангов.
Претходно во завршен збор ослободителна пресуда побараа и лидерот на ДПА Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими и Влатко Сајковски.
Во „Титаник 2″ обвинети се и екс директорот на УБК Сашо Мијалков и екс членот на ДИК, Анета Стефановска.
Пауза до 17:15, кога ќе продолжат со завршни зборови останатите обвинети.