Советникот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, Халил Матоши во изјава за МИА истакна дека за косовската Влада е целосно неприфатлива идејата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ за „разграничување меѓу двете земји”, како „решение за косовското прашање”.
Матоши нагласи дека Косово е „животно заинтересирано за нормализирање на односите со Србија”, но дека од преговорите очекува единствено меѓусебно признавање во рамките на постоечките граници.
– Косово се има разграничено себеси со ослободителната војна и со прогласувањето на независноста на 17 февруари 2008 и според Уставот е единствена и неделива држава. Тоа значи дека за суверенитетот на државата и за територијалниот интегритет не може да се преговара. Косово е животно заинтересирано за нормализирање на односите со Србија, во рамките на сеопфатен и законски обврзувачки договор со меѓусебно признавање во рамките на постоечките граници од 17 февруари, изјави Матоши за МИА.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјави дека разграничувањето претставува официјален предлог на Србија за решавање на косовското прашање во дијалогот со албанската страна, но дека сé уште не е утврдено каде би била линијата на разграничување.
Дачиќ изјави дека идејата за разграничување постои како предлог, но дека не е дефинирано каде ќе се наоѓа линијата.
За одредена „корекција на границата” со Србија се залага и косовскиот претседател Хашим Тачи, додека на таа идеја остро се спротивставува премиерот Харадинај, кој смета дека размената на територии не е можна без војна и дека со тоа „ќе се отвори Пандорината кутија за целиот регион”.